Дописници Од утре до 21 јуни во Охрид акцијашки средби и збратимувања

Од утре до 21 јуни во Охрид акцијашки средби и збратимувања

Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, вторпат, и оваа годинава, од утре до 21 јуни, организира акцијашки средби на стотина поранешни акцијаши од Белград, Скопје , Куманово и од Охрид.

Пред 30 години тие дирекно учествуваа во изградбата на водоводот од Охрид до хотелот „Метропол“, потоа патот Охрид – Ресен, како и на ископувањето на Античкиот амфитеатар во Охрид. Поранешните акцијаши, организирано ќе ги посетат местата каде вложиле дел од својата младост, исполнета со ентузијазам и со самопрегор.

– Основната цел ни е волонтерскиот дух да се прошири меѓу денешната млада генерација – вели Зоран Стевоски од АК „Брег на младоста“.

На средбите, покрај културно-забавниот дел, ќе има работен – акцијашки дел, со локална акција за средување на крајбрежјето, во рамките на манифестацијата „21 јуни – Ден на Охридско Езеро“. Организирани се и две работилници на кои ќе се усвојат насоки во однос на идната соработка, а ќе се покрене иницијатива за организирање меѓународен волонтерски камп.

Спроведувајќи ги визиските определби на заедничката платформа на здруженијата и на клубовите и декларацијата за афирмација на акцијаштвото и волонтеризмот, Здружението на акцијаши „Брег на младоста“ од Охрид и Здружението на граѓани „Акцијаш“ од Белград, Република Србија, објавуваат зацврстување и постојаност на соработката и на заедничкиот активитет, со чин на збратимување, кое ќе се случи на 20 јуни во Детското одмаралиште „Радости“.