Македонија Обвинителството започна постапка за шест затворски полицајци од „Идризово“

Обвинителството започна постапка за шест затворски полицајци од „Идризово“

Осомничените, како затворски полицајци, додека биле на смена, со давање лажни податоци и изјави кон раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение на установата

Фото: Мета.мк

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР), Јавното обвинителство соопшри дека започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во Казнено-поправната установа Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода.

Според наводите во пријавата, на 1 февруари 2023 година, осомничените како затворски полицајци, додека биле на смена, со давање лажни податоци и изјави кон раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение на установата.

„Ценејќи дека се исполнети условите, а заради непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка“, соопштија од Јавното обвинителство.

За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.