Македонија Обвинителството ќе ја расветлува сомнителната смрт на пациентката која била лекувана дома

Обвинителството ќе ја расветлува сомнителната смрт на пациентката која била лекувана дома

Фото: Gruppe 2 ap0813, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Случајот за сомнителната смрт на ковид пациентката која во домашни услови примала инфузија која не ѝ била препишана од матичниот доктор стигна и во Обвинителството.

Од таму за Мета изјавија дека по добиеното известување од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, постапката со цел расчистување на случајот е продолжена.

„Известено е надлежното обвинителство за добивање на понатамошни насоки“, стои во одговорот испратен до редакцијата.

Сепак институциите сè уште молчат на прашањата дали навистина лицето кое ѝ ги давало инфузиите на пациентката е лекар и каде е вработено.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека единствено што засега е познато е дека случајот го пријавил лекар од ГОБ „8 Септември“ кој ја примил пациентката.

Тој на новинарско прашање кој смее да лекува во домашни услови одговори дека таквото ексклузивно право го има само матичниот лекар.

„Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар. Зошто? Поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи процена на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација. Така што, тоа е единственото нешто што е можно и единственото место што системот го препорачува и дозволува“, рече Филипче.

Жената што почина за само неколку часа по приемот во болница 14 дена се лекувала во домашни услови, а седум дена примала инфузии кои не и биле препишани од матичниот лекар.