По 14 дена лекување во домашни услови пациентка со ковид-19 починала неколку часа по прием во болница. Како што соопшти Државниот здравствен и санитарен инспекторат, пациентката била примена во болница во тешка состојба, а тие за овој случај добиле претставка од здравствен работник.

Во последните седум дена, како што изјавиле роднините на починатата, ѝ била администрирана инфузиона терапија во домашни услови, како и дополнителни лекови. Но, не било соопштено кој ѝ ја администрирал ваквата терапија.

Здравствениот работник кој направил прием на пациентката во болница ги запишал сите лекови кои ѝ биле администрирани на сега починатата и ги посочил во писмен допис до инспекторатот.

Оттаму пријавиле во Министерството за внатрешни работи.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат апелираат до граѓаните кои се позитивни на ковид-19 да не прифаќаат лекување во домашни услови ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.

Директорката на инспекторатот д-р. Ирина Бухова, вели дека апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје.

„Според сите законски прописи, испектори од ДСЗИ, веднаш по преставката на здравствениот работник, излегоа на терен и утврдија дека матичниот лекар на пациентката ѝ препишал само таблетарна антибиотска терапија, пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој, на сега веќе починатата и давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај“, се вели во соопштението од инспекторатот.