Македонија Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на Тодор Петров против уставни судии

Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на Тодор Петров против уставни судии

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги отфрлило кривичните пријави поднесени против судии од Уставниот суд од страна на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес (СМК). Петров ги товари судиите дека ја злоупотребиле службената положба и направиле самовластие со тоа што не постапиле по трите иницијативи што гој ги поднел, со кои барал поништување на законот за Специјалното јавно обвинителство, поништување на изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери и поништување на Одлуката за стапување на Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје утврди дека нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени, по што донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави. Утврдено дека во Уставниот суд веднаш по приемот на иницијативите, а согласно на Деловникот за работа на Уставниот суд, се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија од судско-аналитички карактер, барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и  уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд“, соопштија од ОЈО Скопје.

Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО е одлучувано на седница на уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.