Македонија Обвинителството ги истражува убиството во Козле и смртта на детето во Гостивар

Обвинителството ги истражува убиството во Козле и смртта на детето во Гостивар

Мајката и синот, кои утрово беа пронајдени мртви во стан во скопската населба Козле, со прострелни рани во главите, биле жители на турскиот град Бурса и привремено престојувале во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.

„Надлежниот обвинител издаде наредби за подигнување траги од местото на настанот за потребни вештачења, како и за вршење обдукција на починатите. Обвинителството ќе продолжи со преземање на потребните дејства за расветлување на настанот“, стои во соопштението.

Од обвинителството информираат и дека гостиварското јавно обвинителство ја истражува смртта на 10-годишното дете од населбата Фазанарија, кое вчера вечерта почина од повреди на главата во Ургентиот центар во Скопје, каде било пренесено по укажната помош во Медицинскиот центар во Гостивар.

„На местото на настанот извршен е увид од јавен обвинител и од крим-техника, по што надлежниот обвинител издаде наредба за вршење обдукција на телото на починатото дете“, информираат од Обвинителството.

Според првичните информации, повредите на главата на детето најверојатно биле предизвикани од залутан куршум.