Македонија ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за изборите на 5 јуни

ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за изборите на 5 јуни

ОБСЕ/ОДИХР денес официјално ја започнa набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.

Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен и се состои од главен тим од 12 експерти, со седиште во Скопје, и 24 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, започнувајќи од 13 април.

Дополнително, ОДИХР ќе побара земјите-членки на ОБСЕ/ОДИХР да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи. Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.

„Мисијата ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи. Набљудувачите внимателно ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови“, велат од ОБСЕ/ОДИХР.

Како дел од набљудувањето, Мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.

На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите

На прес-конференција, на денот по изборите, ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци. Конечниот извештај за за набљудувањето ќе биде објавен околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.