Економија Билатералните санкции ја намалија трговската размена меѓу САД и Русија

Билатералните санкции ја намалија трговската размена меѓу САД и Русија

Трговската размена меѓу САД и Русија е намалена за една третина во 2015 година, најмногу заради билатералните санкции, кои ги погодија трговијата и економијата на двете земји, изјави рускиот трговски претставник во САД, Александер Стадник, за агенцијата ТАСС.

Од почетокот на годината, трговската размена меѓу Русија и САД се намали за 30 проценти, посочува Стадник.

Во 2014 година, трговската размена меѓу двете земји изнесувала 25 милијарди долари, од што рускиот извоз изнесувал нешто повеќе од 9 милијарди, а увозот од САД – 16 милијарди. Годинава, размената ќе достигне 20 милијарди долари.

Во првите 10 месеци, билатералната трговија изнесувала 17,4 милијарди долари, што е за 30,5 проценти помалку во однос на истиот период лани.

Рускиот извоз во САД значително е зголемен во неколку области, за 140 проценти кога се работи за извоз на ѓубрива, 40 проценти за извоз на машини, опрема и на транспортни возила, како и 60 проценти за извоз на ткаенини и на гардероба.