Свет Обама: Најголема грешка ми е лошиот план по интервенцијата во Либија

Обама: Најголема грешка ми е лошиот план по интервенцијата во Либија

Претседателот на САД, Барак Обама, смета дека најголемата грешка што ја направил за време на својот мандат, е неуспехот во планирањето по соборувањето од власт на либискиот претседател Моамер Гадафи во 2011 година.

Тој во интервју за „Фокс њуз“, кое вчера беше емитувано, истакнал дека интервенцијата во Либија „била исправна“, но дека не успеал да испланира што да се прави по неа.

Американскиот претседател минатиот месец за „Атлантик“ говорел за интервенцијата во Либија и рекол дека британскиот премиер Дејвид Камерон бил „попречен со низа други работи“, по операцијата.

Обама нагласил дека интервенцијата во Либија минала најдобро што можело, но оценил дека Либија денеска е во хаос.

Тој за „Атлантик“ рекол дека имал „повеќе верба“ во Европејците дека ќе се вклучат во периодот по интервенцијата имајќи ја предвид нивната географска близина и обвини дека нивната пасивност придонела за хаос во земјата.