Главна секција Нуланд ги почна средбите – нема детали за разговорите

Нуланд ги почна средбите – нема детали за разговорите

Помошничката на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Викторија Нуланд, утринава се сретна со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а во тек е средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Засега не се откриваат детали од досегашните средби, но како што претходно беше најавено од американската амбасада во Скопје, Нуланд на политичките лидери ќе им порача дека договорот од 2 јуни останува основа за политичка разврска на кризата.

„САД и ЕУ работеа заедно со политичките лидери во Македонија за да се оствари договорот од 2 јуни, според кој, партиите ќе ги стават интересите на земјата во прв план и ќе се посветат на евроатлантскиот процес и на демократските принципи“, се вели во одговорот на Амбасадата.

Посетата на Нуланд доаѓа по изјавата на лидерот на опозицијата дека преговорите, кои се водеа со посредништво на ЕУ и на САД, се неуспешни.

Средбите со премиерот Никола Груевски и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, допрва треба да се одржат. Засега не се знае дали Нуланд и Груевски по средбата ќе имаат заедничка изјава.

Нуланд попладне ја завршува посетата, а пред да замине, ќе даде и интервју за телевизијата „Алсат-М“, кое дополнително ќе биде објавено.