Економија Новиот трговски центар на местото на Скопски саем ќе биде готов до...

Новиот трговски центар на местото на Скопски саем ќе биде готов до крајот на 2020 година

Градежните работи во рамките на мултифункционалниот комплекс „Ист гејт“, кој ќе се гради на поранешниот Скопски саем, ќе започнат на пролет следната година со изградба на трговскиот центар и четири станбени згради, кои се во план да се завршат до крајот на 2020.

Процесите на изградба ќе бидат поделени во пет фази и ќе се одвиваат во период од пет до седум години.

Инвестицијата изнесува 350 милиони евра и ќе се реализира на вкупна површина од 500.000 метри квадратни со три засебни целини: трговски центар со вкупна површина за изнајмување од 53.000 метри квадратни со 250 продавници; резиденцијален комплекс од 10 згради со 1.600 станови и пет бизнис центри со 66.000 нето површина за издавање со што ќе претставува најголема проектна инвестиција во Македонија досега.

Мултифункционалниот комплекс кој на едно место комбинира шопинг, забава, социјализација, домување, работа и бизнис, е прв од ваков тип во регионот.

Проектот ќе донесе повеќе од 2.000 нови работни места и се очекува да даде огромен придонес за економскиот развој на Скопје.  Им се дава предност на македонски градежни компании, но нема да бидат изоставени и странските компании за експертизата за која што се потребни.

Овој комплекс ќе го унапреди Скопје во насока на модерен град и ќе ја зголеми вредноста на Општината Гази Баба со содржина, инфраструктура, уредени паркови и зголемена фрекфенција на посетители.

Проектот ќе ги задржи домашните купувачи во Македонија и ќе привлече нови гости и туристи од соседните региони. Бизнис паркот, кој е предвиден во рамките на проектот треба да даде нова бизнис димензија и решение за преоптовареното централно подрачје и ќе привлече странски и домашни инвеститори кои сакаат да ги консолидираат своите бизнис активности на едно место.