Дописници Новиот снег на Попова Шапка ги врати скијачите на ски-патеките

Новиот снег на Попова Шапка ги врати скијачите на ски-патеките

Мартовскиот снег од половина метар, кој изминатава недела падна на Попова Шапка, ги врати скијачите на патеките. Сите ски-лифтови и жичарници работат.

– Снегот е прекрасен, како што го немаше изминатиов месец и половина, одлично ни дојде. Патеките за скијање се убаво подготвени – вели еден посетител.

Од раководството на „Попова Шапка“ информираат дека новиот снег ги натерал туристичките агенции викендов да организираат тури во центарот.

Дел од посетителите се разочарани што сопственикот на претпријатието „Попова Шапка“, државната компанија ЕЛЕМ, многу малку инвестира во центарот.

– Пред сè, треба да се инвестира во инфраструктурата, во нови хотели, ски-лифтови, а голем проблем е и тоа што нема слободни места за паркирање – ни изјави еден турист.

И годинава на скијачкиот центар нема ништо реализирано од најавениот план на централната власт. Планот предвидува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичарница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк.