Uncategorized Новинарските здруженија се шокирани од одлуката на Обвинителството за Кежаровски

Новинарските здруженија се шокирани од одлуката на Обвинителството за Кежаровски

По одлуката на Обвинителството да ја обжали одлуката на Основниот суд Скопје 1 за условен отпуст на новинарот Томислав Кежаровски, реагираа од еснафските здруженија.

Претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, вели дека е изненадена и шокирана од оваа одлука.

– Го чекаат последниот ден и во петок реагираат, сакајќи да ги намалат или минимизираат реакциите. Илузорно е поради тоа да мислат дека нема да бараме ослободување на Кежаровски. Тој е невин и ќе се бориме до крај да го докажеме тоа. Ова е дополнително малтретираање и за него и за неговото семејство. Тоа покажува што сè им се прави не само на новинарите, туку на луѓето во Македонија – вели Чаусидис.

Македонската асоцијација на новинари (МАН), исто така, протестира по одлуката на Обвинителството да ја обжали одлуката за услловен отпуст на новинарот Кежаровски.

„Македонската асоцијација на новинари (МАН) е изненадена колку надлежното обвинителство вложува енергија да се затвори новинар, а судовите се жалат за притисок од новинарите за донесена пресуда за новинар поради исто така напишан текст. Судскиот систем, пак, од друга страна, очекува слободни новинари и истражувачко новинарство. Со ваков третман, како овој за колегата Томислав Кежаровски за напишан текст, тоа не е можно“, стои во соопштението.

Инаку, жалба на одлуката за условен отпуст за Томислав Кежаровски денеска поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Во законски предвидениот рок, надлежниот јавен обвинител ја разгледа одлуката за условен отпуст, донесена од Основниот суд Скопје 1. Сметајќи дека со одлуката погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека осуденото лице не ги исполнува условите за условен отпуст, надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на одлуката“, стои во соопштението.

Адвокатот на Кежаровски, Филип Медарски, вели дека сега останува да ја чекаат одлуката на повисокиот суд (Апелациски суд) и очекуваат позитивна разврска.

– Работиме на барањето до Врховен суд за вонредно преиспитување на првостепената одлука и очекувам тоа да биде доставено во текот на идната недела – рече Медарски.

Апелација нема рок до кој треба да одговори по жалбата на Јавното обвинителство.