Свет Свет Нови остатоци од авион пронајдени на островот Рејунион

Нови остатоци од авион пронајдени на островот Рејунион

Нови делови од авион биле најдени на островот Рејуниот, во Индискиот Океан, каде во средата беше пронајден дел од авионско крило за кое се претпоставува дека е од летот МХ370 на „Малезија ерлајнс“, кој исчезна во март минатата година.

Како што јавува „Би-Би-Си“, се претпоставува дека објект кој бил пронајден јужно од градот Сент Дени на островот, е дел од врата на авион. Но, од полицијата соопштиле дека засега парчето не се третира како доказ.

Парчето од авионско крило што беше пронајдено во средата е однесено во Франција, каде истражителите во градот Тулуз ќе утврдуваат дали е од МХ370.

Во четвртокот оваа недела, веднаш по откривањето на делот, заменик-министерот за транспорт на Малезија, Абдул Азиз Каправи, изјави дека „речиси е сигурно“ дека парчето потекнува од авион од типот „боинг 777“. Информациите велат дека МХ370 е единствениот „боинг 777“ што исчезнал над Индискиот Океан, со 239 луѓе во него.