Економија Нивото на вкупните кредити се намали за 697 милиони денари во јули

Нивото на вкупните кредити се намали за 697 милиони денари во јули

Кредитната активност во јули и понатаму се намалува на месечна основа за 0,3 проценти, но значително послабо во однос на претходниот месец, покажува најновиот извештај на Народна банка.

Падот кај кредитите на приватниот сектор главно е резултат на регулаторните промени.

„Годишната стапка на пораст на вкупните кредити, на крајот на јули, изнесува 3 проценти, додека без ефектот од регулаторните промени таа изнесува 8,2 проценти и е над годишниот пораст од 7,9 проценти проектиран за третиот квартал на 2016 година, согласно со априлската проекција. Во јули, нивото на вкупните кредити се намали за 697 милиони денари,“ се вели во извештајот на Народна банка.

Годишното зголемување на вкупните кредити, во најголем дел, произлегува од порастот на денарските кредити и денарските кредити со валутна клаузула, додека девизните кредити бележат намалување.

Учеството на сомнителните и спорни побарувања во вкупните кредити во јули изнесува 7,5 проценти, задржувајќи се на истото ниво како во претходниот месец. Анализирано по сектори, има намалување на сомнителните и спорни побарувања кај претпријатијата, а зголемување на тие побарувања кај населението.