Македонија Нивото на Охридско Езеро се зголемува брзо, поради врнежите и топењето на...

Нивото на Охридско Езеро се зголемува брзо, поради врнежите и топењето на снегот

Поради брзото топење на снегот, интензивните врнежи на дожд и високите температури, екипите на ЕЛЕМ се на терен, и го следат брзиот пораст на нивото на Охридско Езеро, информираше директорот на оваа институција, Драги Миноски.

Тој додаде дека се преземаат потребните мерки во случај да продолжат ваквите временски прилики.

– Работиме максимално за да го оптимизираме нашето производство, имајќи предвид дека и нашите електрани во изминативе два месеци работат на максимално ниво. Ја употребуваме водата и правиме напори за да ја задржиме, но притоа да не направиме штета на Охрид и Струга, а исто така да не направиме штета ни по течението на реката Дрим – рече Миноски.

Тој објасни дека се контактира и со надлежните органи во соседна Албанија, се со цел да се контролира ситуацијата низ целиот Дримски басен.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски изјави дека се следи состојбата на реките и каналите кои се влеваат во езерото.

– За жал, поради нераспишана тендерска постапка лани, коритата на реките и каналите не беа исчистени. Но ние исчистивме делови на најкритичните места, а целосно чистење ќе направиме по смирување на водотеците – рече Стојаноски.