Македонија Николоски – Гир: Ќе има обид за реставрација на оштетениот објект на...

Николоски – Гир: Ќе има обид за реставрација на оштетениот објект на Пошта со помош од ЕУ

Тоа нема да е ниту лесен потфат ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред се стручно знаење како и сериозни средства, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски

Фото: Министерство за транспорт

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствариле работна средба со Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир на која се разговарало и за заштитата на културното наследство во Македонија.

Во овој сегмент, се отворило прашањето за реставрација на објектот на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје како објект од културно и архитектонско значење.

На средбата присуствувале и претставници од Министерството за културa.

„Во наредниот период ќе се направат обиди со поддршка од ЕУ да се изврши реконстуркција и да се заштити овој објект со културна вредност за државата и истиот повторно да се стави во функција“, се вели во соопштението.

Фото: Министерство за транспорт

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред се стручно знаење како и сериозни средства“, истакна по средбата заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.