Економија Незири: Доделивме 12 милиони денари за претпријатијата

Незири: Доделивме 12 милиони денари за претпријатијата

Министер за економија, Беким Незири

Во програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, релизирани се проекти во вкупен износ од 11.690.000 денари, наменети за директна поддршка на деловните субјекти за активности, насочени кон подобрување на конкурентноста на компаниите и на нивните производи и услуги, истакна на денешната прес-конференција министерот за економија Беким Незири.

– Годинава се поддржани вкупно 47 претпријатија, пет бизнис-идеи, десет фондации, односно здруженија на граѓани, четири иноватори и пет проекти на кластерски здруженија со вкупно околку 12 милиони денари. Оваа поддршка ќе биде двојно поголема следната година, преку мерки креирани во соработка со бизнис-заедницата за да им овозможиме на деловните субјекти полесно да ги остварат зацртаните бизнис-цели – истакна министерот Незири.

Портпаролот на Министерството за економија, Наим Вренези, детално ги претстави конкретните мерки од програмата, која се состои од трите потпрограми – Поддршка на развој на мали и средни претпријатија, Имплементација на индустриска политика и Поддршка и развој на кластерското здружување.

-Во рамки на потпрограмата за поддршка на развојот на малите и средни претпријатија, во износ од 8.890.000 денари, врз основа на различните мерки, кофинансирани се вкупно 39 претпријатија во вкупен износ од околу 6.000.000 денари, пет бизнис-идеи, во вкупен износ од 800.000 денари и десет фондации, односно здруженија на граѓани, во вкупен износ од 992.400 денари – информираше Вренези.

Со потпрограмата за имплементација на индустриската политика во 2014 година беа обезбедени 1.200.000 денари, а поддршка досега имаат добиено осум компании и четири иноватори. Компаниите имаа можност да аплицираат за развој на деловен субјект, развој на производ и развој на пазар, а иноваторите за поддршка на патенти, а во рамки на потпрограмата за поддршка и развој на кластерското здружување во Република Македонија во 2014 година, 1.600.000 денари беа доделени на пет кластерски здруженија кои поднесоа најдобри проекти за развој на кластерското здружување.