Свет Европа Немојте да ги храните малите деца со веганска храна, препорачуваат лекарите

Немојте да ги храните малите деца со веганска храна, препорачуваат лекарите

Поконкретно, масовно и трајно може да бидат загрозени невролошкиот развој и менталното здравје на бебињата и малите деца

Извор на фотографија: roam in color on Unsplash

Германските педијатри предупредуваат дека бебињата и малите деца не треба да се хранат вегански. Детскиот организам е исклучително чувствителен на недостатокот на хранливи материи, изјавија од Здружението на педијатри и лекари за адолесценти од Северна Рајна-Вестфалија, пренесува германската новинска агенција ДПА. 

За добар телесен раст и здрав развој на сите органи, а посебно на мозокот, потребни се многу супстанции во доволни количества, објасни портпаролот на здружението Аксел Гершлауер по повод 1 ноември, Светскиот ден на веганите.

Кај веганската исхрана, снабдувањето со протеини, одредени масни киселини, витамини, како и други елементи кои се внесуваат на алтернативен начин, е критично. Дури и мали флуктуации и недоволно снабдување може да ги оштетат органите на бебињата кои растат и се посебно чувствителни, изјави Гершлауер.

Поконкретно, масовно и трајно може да бидат загрозени невролошкиот развој и менталното здравје на бебињата и малите деца.

Инаку, речиси 10 отсто од возрасните во Германија сега се вегетаријанци – не јадат месо и месни производи или вегани, односно не јадат било какви животински производи како што се млеко или јајца, соопштија од здружението.

Многу родители своите деца исто така ги хранат вегетаријански или вегански. Диетата без месо за младите се смета за возможна под одредени услови. Но, веганската исхрана не се препорачува за бебињата и малите деца.

Децата треба да јадат разновидна храна со умерена консумација на месо и производи од животинско потекло, како што се млеко и сирење.

На веганската исхрана ѝ недостигаат важни хранливи материи, кои мора да се надоместат од друга храна. Тоа е возможно во ограничена мера само низ природната храна. На пример, витаминот Б12 мора да се надомести со суплементи.