Македонија Немало „МВРО-ВМРО“, вели Јанкулоска во првото интервју по оставката

Немало „МВРО-ВМРО“, вели Јанкулоска во првото интервју по оставката

Поранешната министерка за внарешни работи, Гордана Јанкулоска, по речиси една година откако си поднесе оставка на функцијата, денеска го имаше своето прво јавно обраќање, во интервју за порталот „Прес 24“, кој го уредуваат новинарите на телевизијата „Сител“, Александар Спасовски-Сарма и Славица Арсова.

Во интервјуто, Јанкулоска тврди дека не сторила никакви кривични дела и дека истрагата што против неа ја води Специјалното јавно обвинителство е дел од конструирана политичка пресметка, а барањата за притвор – апсурдни.

„Она што е моја прецепција и, верувам, перцепција на јавноста е по секоја цена да се оди со постапки против однапред таргетирани лица, што сè повеќе заличува на една брутална политичка пресметка отколку на една правна постапка. Станува збор за една брутална политичка пресметка која има цел да дискредитира на личен и на професионален план одредени личности што опозицијата ги перципира како свои политички противници“, вели Јанкулоска во интервјуто.

Поранешната министерка, надоврзувајќи се на прашањата на новинарот околу вчерашните протести во општина Бутел против изградбата на крстот, вели дека полицијата не постапила соодветно, а тоа, според неа, се должи на недоволниот капацитет на актуелниот технички министер на полицијата, Оливер Спасовски.

Јанкулоска во дел од прислушуваните снимки што ги објави опозцијата минатата година, меѓу другото, можеше да се слушне како вели дека горните катови од зградата на Министерството за внатрешни работи се претворени во изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, односно „МВРО-ВМРО“, а во една просторија се сместени набљудувачите и делегациите од амбасадите, во која одвреме-навреме таа се симнува како ништо да не се случува.