Македонија Не сум сторила тероризам, со моето апсење е прекршен Уставот, рече Пешевска...

Не сум сторила тероризам, со моето апсење е прекршен Уставот, рече Пешевска во Апелација

Не сум сторила тероризам, не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Повреден е законот и Уставот со моето апсење. За полицијата не важеше мојот пратенички имунитет. Бев држена 16 часа со лисици на рацете, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на денешната јавна седница на Апелацискиот суд во Скопје за продолжувањето на куќниот притвор кој и беше изречен, пренесе „Макфакс“.

-Не можам да повторам дело кое не сум го ни извршила. Не мислам да бегам и да влијаам врз сведоци. Ги понудив и двата пасоша, ако има потреба. Немам ниеден ден отсуство во Собранието. Мајка сум на три малолетни деца. Живеам со стари свекор и свекрва за кои се грижам. Загрозена ми е здравствената состојба, како и на моите деца кои се под третман на психолози – рече Пешевска.

Таа се произнесе дека не е виновна и бараше да и се укине куќниот притвор.

Според адвокатот Боро Тасевски, решението на кривичниот суд за куќниот притвор не содржи факти и докази. Тасевски пред тричлениот судски совет рече дека во постапката за продолжување на притворот биле прекршени нејзините права.

-Се прашуваме кое кривично дело би го повторила или би сторила ново дело? Настаните за кои е обвинета се случувале пред повеќе од 6 месеци. Таа дури пред два дена беше повикана да даде исказ во Обвинителството – рече Тасевски.

Вишото јавното обвинителство бара да остане мерката куќен притвор. Сметаат дека со оваа мерка не се повредени законите и меѓународните конвенции.

-Неоснована е жалбата дека на семејството не може да им укаже лекарска помош – рече вишата јавна обвинителка.