Македонија „Не сакаме да си одиме, вие нè бркате“, специјализантите на протест побараа...

„Не сакаме да си одиме, вие нè бркате“, специјализантите на протест побараа повисоки плати и регулиран работен однос

Едно од најважните барања кои го упатуваат до надлежните, е трансформација на сите приватни специјализанти во државни специјализанти, т.е. нивно вработување

Фото: Архива, Здружение на лекари специјализанти

„Наша борба, ваше здравје“, „Плати скромни, трошоци огромни“, „Ние не сакаме да си одиме, вие нè бркате“. Ова се само некои од транспарентите со кои денеска, неколку стотици лекари специјализанти, побараа повисоки плати и регулиран работен однос. Тие незадоволството од третманот кон нив го искажаа пред зградата на Министерството за здравство.

„Бараме покачување на платата на приватните специјализанти согласно просечна плата во Македонија за тековната година која сега изнесува 39.800 денари. Освен тоа, бараме повторно да се воведе бесплатното здравствено осигурување за сите кои се на приватна специјализација. Бараме и навремена исплата на дежурствата со секоја тековна плата како што впрочем се исплаќа на сите останати вработени колеги“, рекоа во Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС).

Едно од најважните барања кои го упатуваат до надлежните, е трансформација на сите приватни специјализанти во државни специјализанти, т.е. нивно вработување.

„Ова беше ветено од Министерството за здравство пред Нова година, во мрежата на здравствениот систем согласно потребите на болниците. Мораме да се бориме за секој милиметар нормалност. Тоа ни е неопходна борба“, рекоа тие.

На протестот лекарите специјализанти побараа итна средба со министерот за здравство Илир Демири, по што беа примени на состанок во Министерството, а состанокот е во тек.