Економија НБРМ: Економската активност се зголемува со солидно темпо

НБРМ: Економската активност се зголемува со солидно темпо

Најновите показатели покажуваат дека економската активност и понатаму се зголемува со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки, објави Народна банка.

– Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, кое е доволно за справување со евентуалните непредвидени шокови во иднина. Ризиците за домашната економија, поврзани со домашните политички случувања и со економско-политичките случувања во Грција, во последниот период се намалија, а нивните ефекти и понатаму се оценуваат како ограничени и главно остварени преку каналот на очекувањата – се вели во соопштението на Народна банка.

Најновите макроекономски показатели не укажуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика.

– Во второто тримесечје, БДП оствари годишен пораст од 2,6 проценти. Ова остварување претставува умерено забавување на динамиката на пораст во однос на првиот квартал од годината, што е во согласност со очекувањата во априлските проекции. Од аспект на двигателите на порастот, во вториот квартал на годината се зајакна позитивниот придонес на нето-извозот (и во првото тримесечје нето-извозот имаше позитивен придонес), додека придонесот на домашна побарувачка е умерено негативен и произлегува од падот на бруто-инвестициите на годишна основа – се вели во соопштението.

Анализирано од производствената страна, порастот е дисперзиран, а најголем придонес остваруваат услужните дејности – трговијата и транспортот, градежништвото и финансиските дејности.

– Од аспект на високофреквентните податоци за движењата во реалниот сектор за третиот квартал од годината, се навестува продолжување на овие движења и во текот на третиот квартал. Сепак, ризиците од евентуално продолжување на ефектите од домашните случувања и случувањата во надворешното окружување можат да влијаат врз порастот во втората половина од годината – велат од НБРМ.