Македонија Научниците бараат повеќе пари за науката

Научниците бараат повеќе пари за науката

Универзитетот св. Кирил и Методиј на денот на науката промовираше брошура којашто ги опфаќа научно-истражувачките проекти од изминатата година финансирани од универзитетот

На светскиот ден на науката, научните работници од земјава укажаа дека е потребна посебна институционална организација која би била исклучително поврзана со науката.

И покрај Националната програма за наука, научно-истражувачката дејност во земјава стагнира. Според дел од академската јавност, која работи на полето на науката без вложување, научен подмладок и без инфраструктура, но и со минимални финансиски средства што ги издвојува државата за наука, остануваме на дното по инвестирањето и по потребите во научната област.

Надлежните досега инвестираа во отворање лабаратории на повеќе високообразовни институции. Но, и покрај тоа, според ректорот на УКИМ, потребно е тело или министерство за наука кое ќе ги регулира финансиите и научно-истражувачката дејност.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на денот на науката промовираше брошура којашто ги опфаќа научно-истражувачките проекти од изминатата година финансирани од универзитетот. Во неа се објавени 28 научни проекти финансирани според можностите на установата, за што се потрошени околу 5 милиони денари.