Македонија Наставници од Битола порачуваат: Овој штрајк е за сите нас

Наставници од Битола порачуваат: Овој штрајк е за сите нас

Наставници од средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, упатија отворено писмо до своите колеги членови на СОНК кои штрајкуваат и до оние кои под притисок не штрајкуваат.

Во писмото тие велат дека четврти ден трае штрајкот на СОНК со кој се бара начин за враќање на достоинството на просветниот работник, згазено со воведување на екстерното тестирање во основното и во средното образование и државниот испит во високото образование, преку кое не може да се оценат реално ниту ученцити ниту студентите, а уште помалку нивните професори.

„Со екстерното тестирање бесрамно се плука на континуираното следење на ученикот и на неговото залагање во образовниот процес, што претставува основа за реално оценување. Оценувањето на учениците не е ливче од обложувалница преку кое се проверува среќата. Оттаму и нашето длабоко убедување дека покрај сите останати наши барања, екстерното тестирање и последиците од него се сами по себе доволни да бидеме единствени во остварувањето на нашите права. Да се биде наставник, не значи само да се говори теорија, туку со личен пример да се докаже како се мисли со своја глава.
Колеги, кои длабоко во себе знаете дека во образованието многу работи лошо функционираат, сте давале иницијативи за промени и сте барале наши потписи за поддршка, дали денес исправени и горди одите на часови? Дали вие сте за екстерно тестирање? Дали вие реално не оценувате, па треба некој да ве провери дали таа оцена е реалната? Дали вам ви ги укинаа казните за кои баравте поддршка од вашите колеги? Дали ви ја зголемија платата, па се одделивте од колегите кои штрајкуваат? Со кое лице утре повторно ќе побарате поддршка од вашите колеги кои едногласно ве поддржувале за истите барања, кои сега штрајкуваат, а вие им завртивте грб“, се вели во писмото од наставниците.

Тие преку писмото се обраќаат и до сите поранешни и сегашни ученици, до студентите, колегите од високото образование, до „Професорски пленум“ и до „Студентски пленум“ за отворена поддршка.