Главна секција Насилства во Собранието, повредени Заев и други пратеници на СДСМ

Насилства во Собранието, повредени Заев и други пратеници на СДСМ

Хаос и многу тензична атмосфера владее во Собранието, откако демонстрантите од „За заедничка Македонија“ влегоа во законодавниот дом.

Има информации дека дел од пратениците се физички нападнати и повредени, со раскрвавени лица, меѓу кои е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Демонстрантите се низ собраниските ходници.

Демонстранти влегоа и во пленарната сала. Тие скандираат „избори“ и пеат патриотски песни. Тие успеаја да влезат во прес-центарот во Собранието, каде се наоѓаат новинарите и дел од пратениците. Меѓу демонстрантите има и лица со црни маски на главите.

Во Собранието не се забележува присуство на побројни специјални полициски сили.

Заев од Собранието, кое е „заземено“ од демонстрантите на „За заедничка Македонија“, изјави оти е убеден дека Министерството за внатрешни работи нема да дозволи ескалација на ситуацијата и дека ќе спречи инциденти од поголеми размери.

– Јас сум убеден дека Министерството за внатрешни работи може да си ја заврши работата. Го повикувам народот на смиреност и верувам дека ова наскоро ќе заврши. Ни беше кажано од министерот за внатрешн работи дека се преземаат мерки. Времето и доказите ќе покажат што се случило и како луѓето влегле во Собранието – рече Заев.