Економија Народна банка оцени дека има поволни поместувања во економијата

Народна банка оцени дека има поволни поместувања во економијата

Фото: Мета.мк

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на седницата вчера одлучил каматната стапка на благајничките записи да остане на истото ниво од 2,25 проценти поради поволните поместувања во економијата.

„Во однос на најновите макроекономски показатели, по релативно солидниот пораст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот пораст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен пораст кај градежништвото“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во април има солиден месечен прираст кај вкупните депозити, кој во еден дел произлегува од растот на штедењето на домаќинствата, како и на порастот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар, во април продолжил месечниот пораст на кредитите, при пораст на кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор.