Свет Европа Наредена ексхумација на телото на Салвадор Дали заради докажување на татковство

Наредена ексхумација на телото на Салвадор Дали заради докажување на татковство

Шпанскиот суд наредил ексхумација на телото на славниот уметник Салвадор Дали, за да можат да се земат примероци потребни за тест за утврдување на татковство, јавуваат светските агенции.

Судија во Мадрид ја донел ваквата одлука за да може да се утврди дали починатиот уметник е татко на 61-годишната Пилар Абел, која бара да биде признаена како ќерка на Дали.

Телото на уметникот ќе биде ексхумирано, а примероците ќе бидат прегледани во Институтот за токсикологија во Џирона.

Инаку, Пилар Абел Мартинез тврди дека нејзината мајка била во кратка љубовна врска со Салвадор Дали.

Абел е родена во 1956 година, во време кога Дали бил во брак со Гала, односно со Елена Ивановна-Диаконова, со која немал деца.

Абел веќе еднаш се обидела да докаже дека е ќерка на Дали, откако успеала да дојде до примероци од ДНК, односно од делови од кожа од посмртната маска на славниот уметник, но, резултатите од нивната анализа не дале јасни одговори. Пред две години, таа својата потрага ја изнела и пред судот.

Салвадор Дали е погребан во градот Фугуерас, на североистокот на Каталонија, каде е и роден во 1904 година. Дали почина во јануари 1989 година од срцев удар, а неговиот живот освен со генијални уметнички дела, беше одбележан и со ексцентричност и со екстравагантност.