Главна секција Наместо вонредна, миењето на улиците треба да стане редовна мерка против загадувањето

Наместо вонредна, миењето на улиците треба да стане редовна мерка против загадувањето

Град Скопје би требало да размисли околу воведување на зачестени миења на улиците во Скопје како мерка за намалување на аерозагадувањето секогаш кога тоа ќе го дозволат временските услови, велат надлежните од Градот, појаснувајќи дека во моментов миење на улици се практикува „само вонредно, по потреба“.

На прашањето на „Мета“ зошто почесто не се применува оваа мерка кога таа може значително да придонесе за намалување на присуството на ПМ честичките во воздухот, тие наведуваат дека во зима не се практикува миење на улиците со вода поради ниските температури и опасноста од мрзнење.

Сепак, додаваат, во деновите кога температурите не паѓаат под нулата, оваа мерка би можела да се применува како една од мерките за справување со прекумерното присуство на штетните честички во воздухот.

Претходно, во партиско соопштение, СДСМ ги пофали градските власти дека „преземаат мерки и работат на решавање на наследниот проблем со загадениот воздух“ при што, меѓу наброените мерки на Град Скопје за справување со загадувањето наведе дека „се преземаат акции за рачно миење на градските улици и булевари за намалување на прашината и ситните честички“, но без појаснување дека се работи за еднократна, а не континуирана активност.

Неколкудневната акција за рачно миење на булеварите и поголемите улици на територијата на градот Скопје во сите скопски општини беше реализирана кон крајот на октомври, со ангажман на четири до шест авто-цистерни.

Минатата година на 10 јануари, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов миењето на улиците од наталожената прашина го најави како вонредна мерка за намалување на загадувањето во градот.

„Продолжуваме со примената на вонредните мерки за намалување на аерозагадувањето. Наталожената прашина на улиците во градот е една од причините за загадување на воздухот. Планираме таа прашина да ја тргнеме од улиците“, изјави тогаш Шилегов.