Економија Наместо РКЕ, новата цена на струјата ќе ја одредува ЕВН Хоум

Наместо РКЕ, новата цена на струјата ќе ја одредува ЕВН Хоум

Регулаторната комисија ќе има обврска само да направи проверка, но сè уште не е извесно дали ќе може да интервенира врз цената на електричната енергија

Фото: Pexels on Pixabay

Наместо Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја одредува ЕВН ХОУМ. Регулаторната комисија ќе има обврска само да направи проверка, но сè уште не е извесно дали ќе може да интервенира врз цената.

Ова денеска го потврди Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, а согласно новите измени во Законот за енергетика.

„Нема повеќе да ја определуваме на тие начини, цената за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе ја објави ЕВН ХОУМ , а претходно ќе ја даде на контрола во РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи. Ова се прави во речиси сите држави, само ние, Србија и Косово останавме каде РКЕ ја соопштува цената на електричната енергија“, изјави Бислимовски.

Не се знае дали овие промени ќе донесат и повисоки сметки за струја за граѓаните, со оглед на тоа што регулаторите досега голем дел од пријавените трошоци на енергетските компании не им ги признаваше и не ги калкулираше во крајните цени.

Новата цена треба да се донесе до крајот на годинава, а ќе важи од јануари 2024 година.

Инаку, од 1 декември се враќа и дневната евтина тарифа која домаќинствата ќе може да ја користат од 13 до 15 часот. Сепак за евтина струја ќе треба да почекаат околу 600 илјади домаќинства кои имаат стари броила, а ЕВН нив рачно ќе ги менува од 1 декември.