Дописници Најмалку 1.000 охриѓани на митингот на опозицијата денеска во Скопје

Најмалку 1.000 охриѓани на митингот на опозицијата денеска во Скопје

Најмалку 1.000 охриѓани, членови и симпатизери на опозицијата, ќе патуваат денеска на протестот на опозицијата во Скопје.

– Колку што притисоците се поголеми, толку се поголеми и револтот и мотивот за патување во Скопје. Сведоци сме на закани и на директни јавувања на високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, особено на локалните пратеници, за откажување автобуси, сеедно што беа авансно платени и со потпишани договори со автопревозниците. Меѓутоа, решеноста на луѓето да стигнат до Скопје е огромна. Ќе патуваме со автобуси, со оние што успеавме да ги задржиме, со комбиња, но најголем број со приватни возила – вели за „Мета“ Ѓоко Танасоски, актуелен пратеник и член на извршниот одбор на СДСМ.

Танасоски додава дека под максимален притисок за патување во Скопје е и членството на ВМРО-ДПМНЕ. На сцена се, вели, отворени закани за бркање од работа, казни во јавните претпријатија, администрацијата и здравствените установи.

На ден пред митингот на опозицијата, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, преку прес-конференција, ги повика граѓаните да се приклучат на народниот собир, в понеделник, на 18 мај, во Скопје.

– ВМРО-ДПМНЕ в понеделник заедно со македонскиот народ со сите свои браќа Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите други граѓани на Република Македонија, ќе упати повик за стабилна и силна Македонија, за почитување на изборната волја и поддршка на безбедносните сили за зачувување на државните приоритети и интереси. Ќе кажеме „не“ на сите црни сценарија кои се во насока за дестабилизација на нашата Македонија и ќе докажеме дека интересите на државата и на граѓаните се пред личните и партиските интереси – рече Атанаско Михаилов, претседател на ОК на ВМРО- ДПМНЕ.