Македонија Најави за врнежи од снег, ЦУК апелира на внимателно возење на планинските...

Најави за врнежи од снег, ЦУК апелира на внимателно возење на планинските превои

Потсетуваме дека луѓето кои живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на граѓаните пеш, бидејќи е можна појава на голомразица, апелираат од ЦУК

Фото: Архива на Мета.мк

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните да патуваат внимателно во текот на утрешниот ден и в недела, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои, бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници.

„Потсетуваме дека луѓето кои живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на граѓаните пеш, бидејќи е можна појава на голомразица“, апелираат од ЦУК.

Според временска прогноза од Управа за хидрометеоролошки работи, се најавува дека во текот на утрешниот ден времето ќе биде облачно и студено со врнежи претежно од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 сантиметри), а во пониските места од 3 до 10 сантиметри. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено покрај Повардарието и температурите значително ќе опаднат, а ќе има и појава на голомразица. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 1 до 8 степени.