Македонија Најавен протест против законот за забрана на „бомбите“

Најавен протест против законот за забрана на „бомбите“

Граѓанското движење „Ајде!“ вечерва на социјалната мрежа „Фејсбук“ најави протест поради предлог-законот за забрана на објавувањето на „бомбите“ на опозицијата.

Со слоганите „Стоп за цензурата!“, „Не ги даваме бомбите!“, „Не ја даваме вистината!“, „Стоп за фашистички закони!“ „Нема да ви помине!“, движењето ги повика граѓаните утре во 18 часот да се приклучат на протестот насловен „Цензурата е забранета! Вистината ја бараме“.

Повикот за протестот доаѓа неколку часа откако беше најавен предлог-законот, со кој пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ бараат да се забрани објавување на прислушуваните материјали, да се повлечат веќе објавените снимки и транскрипти од порталите и од социјалните медиуми и да не се дозволи нивно користење на јавни собири. Според предложениот закон, сите што нема да го почитуваат ќе бидат санкционирани со затворски казни во траење од четири, пет, осум или десет години.