Македонија Над 3 милиони патници годинава превезени од македонските аеродроми

Над 3 милиони патници годинава превезени од македонските аеродроми

Министерот Бочварски потенцираше дека и за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени преку 100 милиони денари за финансиска поддршка за нови авиолинии

Меѓународниот аеродром во Скопје; Фото: Архива на Мета.мк

Преку 3 милиони патници се превезени од Меѓународниот аеродром Скопје и од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле во Охрид од почетокот на годината до денеска. Ова е нова рекордна бројка на превезени патници од домашните аеродроми, информираше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој денеска оствари работна средба со генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, на која се разговараше за постигнатите резултати и развојот на авиосообраќајот во земјава.

Министерот Бочварски потенцираше дека и за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени преку 100 милиони денари за финансиска поддршка за нови авиолинии. Тој изрaзи задоволство од заедничката соработка со ТАВ Македонија која во континуитет работи на развој на ависообраќајот во земјава.

„Три милиони патници се бројка која ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање на нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија. Верувам дека вака поставените политики ги оправда плановите на Министерството, а тоа се воспоставување на нови дестинации за граѓаните како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.