Свет На сирискиот претседател треба да му се суди за воени злосторства, порача...

На сирискиот претседател треба да му се суди за воени злосторства, порача Еро

„Ќе дојде ден кога меѓународната правда ќе изнесе пресуда за сирискиот претседател Башар ал Асад, кој го масакрираше својот народ“, изјави шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро.

– Овие злосторства не може да поминат неказнето. Во секој случај ќе има истрага, ќе има судење за воени злосторства – рече Еро за француската телевизија „Си-њуз“.

Тој истакна дека Франција сè уште бара носење резолуција во Советот за безбедност на ОН за Сирија и додаде дека дипломатските преговори се приоритет над воената акција.

– Франција сè уште сака да разговара со своите сојузници на седница на Советот за безбедност, пред сè, со постојаните членки, а особено со Русија – рече Еро.

Прашан дали Франција би можела да се приклучи кон воената интервенција на САД во Сирија, Еро повтори дека приоритет на официјален Париз е да се најде дипломатско решение на конфликтот.