Македонија На што повикува ЦК на ВМРО-ДПМНЕ?

На што повикува ЦК на ВМРО-ДПМНЕ?

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во саботата одржа седница, на која, според партиското соопштение, ја разгледа актуелната политичка состојба во земјава и му даде целосна и безрезервна поддршка на претседателот на партијата и премиер, Никола Груевски.

„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, согласно со својот статут и континуитетот на кој се повикува, а поврзан со суштината на дејствувањето на историското ВМРО, потенцира дека нашата партија има историска одговорност да се бори против вакви деструктивни потези кои имаат цел спротивна на националните и државни интереси на Република Македонија. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ без никаква дилема упатува јасна порака до сите дека нема да дозволи спроведување туѓи сценарија, дестабилизација на државата и насилно преземање на власта спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Сите оние што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија добро е со време да се откажат“, се вели во соопштението.

Партијата апелира до сите членови и симпатизери да не наседнуваат на провокации, а избраните функционери да продолжат да работат во интерес на граѓаните и да креираат нови проекти.

„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се приклучат на оваа борба за зачувување на достоинството, стабилноста, демократијата и економскиот развој на нашата држава. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ апелира и ги повикува сите надлежни државни институции максимално професионално, одговорно и ефикасно да ги испитуваат и решаваат сите сомнежи и прашања поврзани со актуелната состојба во државата“, се наведува во соопштението.

Според аналитичарот Петар Арсовски, со ова соопштение ВМРО-ДПМНЕ сака да се обрати до своето членство. Тој вели дека реториката не е подготовка за граѓанска војна, туку подготовка за ескалација на состојбата во политичка смисла.

– Ова соопштение е наменето за членството на партијата. Тоа им вели да бидат смирени и стрпливи и да не преземаат непредвидливи чекори. Исто така, им кажува дека работата не е таква како што се прикажува. Инаку, не мислам дека ова е некаков повик за војна, туку за зголемена претпазливост во периодот што следува – вели Арсовски.

Аналитичарот Владимир Божиновски, пак, тврди дека соопштението е во насока на претходно објавеното дека странски служби, помогнати со домашни актери, работеле на разнебитување на државата.

– Ова соопштение е во насока на состојбата во која се потврди дека странски служби прислушувале во Македонија. Нема некоја друга цел – вели Божиновски.

Последен пат ваква реторика (на моменти посилна) имаше во обраќањето премиерот Никола Груевски во писмото до јавноста од 19 ноември 2009 година.

„Време е да ја почнеме последната битка со остатокот од транзицијата и нејзините политичари. Време е за последната битка со политичарите, кои зад себе оставија пустош и беда и кои во нашата држава ги донесоа малодушноста, криминалот, лагата и искривените вредности. Време е да ги спречиме нивните обиди повторно да ги земат под заложништво македонските граѓани и нашата татковина. Во претходните политички циклуси тие беа поразени, но не исчезнаа“, пишуваше тогаш Груевски.