Photo by Ivan Angelov on Unsplash

Бурни реакции од еколозите предизвика вчерашната владина седница, на која беше утврден текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици, со кој целта е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи.

Од граѓанската „02 Иницијатива“ велат дека ваквиот потег на владата е еден чекор напред, три чекори назад, оквалификувајќи го чекорот како мерка за стимулирање на носење секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили.

„До кога со вакви политики на аминување на возила кои надвор во ЕУ никој не ги сака“, прашуваат од „02 Иницијатива“.

Тие велат дека на плацевите во земјава главно се продаваат возила од повисока класа, кои за ЕУ се неприфатливи во однос на загадувањето, а кај нас се статусен симбол што не е важно дали загадува.

„Важно буџетот да се полни, секогаш парите се најприоритетни, додека последиците од загадувањето кое го дозволуваме и финансиите за негово санирање се многукратно поголеми“, велат од „02 Иницијатива“.

Владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција пак посочи дека намалувањето на давачките за регистрација на возила со странски таблички нема да влијаe врз зголемувањето на загадувањето на воздухот, бидејќи останува да важи критериумот за увоз на стари возила со ЕУРО 4 стандард во земјава.

– Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот еуро 4 стандард е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин да влијаат врз квалитетот на воздухот – истакна владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

Како што информираат од Владата, одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври оваа година, а истиот ќе се применува за времетраење од една година.

Предлог-законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија N), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О). Од владата сметаат дека со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра.

Инаку, Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) минатиот месец за првпат објави Глобален извештај на тема „Половни возила и животна средина“, во којшто се предупредува на загадувањето на воздухот со издувни гасови од половните возила и се бара поголема регулација на меѓународниот проток на вакви возила од развиените кон земјите во развој и Третиот свет. Токму, нашата земја е вброена во групата на држави во кои постојат „слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила.

Воедно, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека иако беше ветено, еколошките налепници на возилата сепак досега не профункционираа во земјава.