Култура На „Прличеви беседи 2017“, наградата за поема ја доби Зоран Пејковски

На „Прличеви беседи 2017“, наградата за поема ја доби Зоран Пејковски

Во Охрид од денеска се чествува ликот и делото на атинскиот ловоронесец, великанот на македонската преродба, Григор Ставрев Прличев.

Напладне, во библиотеката „Григор Прличев“, ќе се одржи промоцијата на поемата „Екот на вековите“ на авторот Мирко Томовски. Промотори ќе бидат Тоде Илиевски и Зоран Јакимоски.

Традиционалната манифестација „Охридска визита“ ќе се одржи утре, кога е и книжевниот портрет на Јовица Тасевски – Етернијан, како и промоцијата на адаптираното издание на прличевата „Автобиографија“ на Славе Ѓорѓо Димоски.

В понеделник ќе се одржи и панихида на гробот на Прличев, a ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид.

Посебна програма се подготвува за недела, 5 февруари, кога ќе биде претставен лауреатот на „Прличевата награда“ за 2016 година, поетот Зоран Пејковски, за поемата „Македонски стар и нов завет“. Воедно и ќе му биде врачена наградата.

Артистичка изведба на поемата ќе имаат актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов.
Во делот на дополнителните содржини, ќе следи драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.