Галерија На плоштад „Македонија“ 1.000 матуранти играа квадрил (галерија)

На плоштад „Македонија“ 1.000 матуранти играа квадрил (галерија)

Фото: Борче Поповски

На плоштадот „Македонија“ точно напладне се одржа „Матурската парада 2019 “, на која матуранти од Скопје заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, по 13. пат го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на Штраусовата опера „Лилјакот“.

„Матурската парада“ ја отвори градоначалникот Петре Шилегов.

– За наша и ваша среќа за првпат навистина можеме да и кажеме на Eвропа дека сме дел од неа, јас сум убеден дека и вашите врсници од 25 различни земји од Европа за првпат ве чувствуваат и како дел од неа. Сакам да ви пожелам на сите да имате успешно лето и да имате успешни уписи, а знаењата и искуствата коишто ги стекнавте во изминатите 4 години во средните училишта ќе ви помогнат од ден на ден да бидете подобри и поблагородни луѓе и да градите убави односи со луѓето околу вас – им порача Шилегов на матурантите.

На „Матурска парада” во Скопје учествуваа околу 1.000 ученици од 22 средни училишта во Скопје, како и матуранти од средни училишта од Охрид, Струга, Струмица, Гевгелија и од Валандово.

Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите тадиционално положија заклетва за ненасилство и толеранција.

Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија.