Македонија На денешниот Марш на жените, учесничките испратија пораки за еднакви плати и...

На денешниот Марш на жените, учесничките испратија пораки за еднакви плати и права

Со транспаренти на кои пишуваше „Дали е среќен 8 Март?“,„Не сакам тава, сакам права“, „Не сакам цвеќе – сакам права“, учесничките на денешниот Марш на жените порачаа дека сакаат еднакви права, еднаква плата, достоинствен третман и должно почитување.

Маршот беше организиран од Платформата за родова еднаквост по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Според организаторите, жените во Македонија се економски нееднакви со мажите и постои родов јаз во платите. Исто така, според нив, имаме највисока смртност на доенчињата во Европа и недостиг од институционална грижа за жртвите на семејно насилство.

„Ќе бидеме гласни и нема да дозволиме во 21 век, жените во Македонија да бидат угнетувани, маргинализирани и дискриминирани“, изјави Снежана Илиќ од Платформата за родова еднаквост.

Санела Шкријељ од оваа платформа смета дека ништо не е направено за да се подобри системот за жените кои се жртви на насилство.

„Сè поголем број жени се економски неактивни и немаат пристап до пазарот на труд“, изјави Шкријељ.

Даниела Јаневска од Конфедерацијата на слободни синдикати смета дека во Македонија постојат стереотипи и родова дискриминација во работните организации, а жените земаат помали плати од мажите.

„Според последните податоци што се објавени, жените заработуваат за 12, 5 проценти помалку во однос на мажите. Ако пресметаме на годишно ниво, жената 33 дена во годината не е ефективно платена. Апелираме до работодавците дека платата треба да зависи од трудот, а не од полот. Само 10 проценти од жените во Македонија имаат менаџерски позиции“, изјави Јаневска.

Учесничките на маршот се собраа пред споменикот „Олимпија“ на плоштадот Филип Втори и се движеа преку Камениот мост и плоштадот Македонија, до паркот Жена-борец.