Македонија На 11 септември родната куќа на скопјанката Мајка Тереза ќе се прогласи...

На 11 септември родната куќа на скопјанката Мајка Тереза ќе се прогласи за светилиште

Прогласувањето на Мајка Тереза за светица, Скопската бискупија ќе го одбележи во септември, со манифестација наречена „Денови на св. Мајка Тереза“.

Прогласувањето ќе се одржи на 4 септември во Ватикан, а прославата во Скопје ќе почне на 5 септември и ќе трае до 11 септември.

Од 5 до 11 септември во Скопје ќе има серија хуманитарни активности, а централната манифестација ќе се одржи во недела на 11 септември, во нејзиното родно место, на плоштадот Македонија, кое ќе се прогласи за светилиште.

Централната манифестација во Скопје ќе ја предводи пратеник на папата со титула кардинал.

На денешната прес-конференција, бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, информираше дека на 4 септември, на денот на прогласувањето на Мајка Тереза за светица, на плоштадот Свети Петар во Рим и во Скопје, во 12 часот, во капелата во Спомен-куќата на Мајка Тереза, ќе се одржи света литургија.

Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.