Македонија „МЖ – Транспорт“ доби нови 150 товарни вагони

„МЖ – Транспорт“ доби нови 150 товарни вагони

Со нови 150 товарни вагони, се поднови ЈП „Македонски железници“. Инвестицијата е вредна 13,2 милиони евра и таа треба да придонесе за поголема ефикасност и за конкурентност на железничката компанија, што ќе значи нов почеток во нудење квалитетни услуги на коминтентите со кои соработува.

– Практично, набавката на новите 150 вагони беше и едно од барањата на бизнисмените, кои низ долгите разговори и преговори укажуваа дека за да се задоволат нивните потреби за брз транспорт, неопходна е една ваква инвестиција. Тоа и го сторивме, од денеска бизнис-секторот може да биде сигурен дека „МЖ Транспорт“ во иднина ќе нуди квалитетен превоз на стока. Од друга страна, пак, сега со оваа нова инвестиција „Македонски железници“ ќе се етаблира и на меѓународниот пазар, како компанија која е подготвена да понуди брз и сигурен транспорт на стоки и на услуги – истакна министерот на транспорт и врски, Миле Јанакиески, за време на промоцијата на товарните вагони.