Македонија МВР: Состојбата со бегалците на границите е редовна

МВР: Состојбата со бегалците на границите е редовна

Состојбата на северната и на јужната граница на државата е редовна, соопшти Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека регистрацијата на бегалците се одвива нормално и оти нема задржување во прифатните центри.

Според податоците на МВР, на границата со Грција има околу 700 лица на кои не им се дозволува влез во земјата бидејќи не ги исполнуваат условите за азил. Другите бегалци се примаат во согласност со процедурите.

Македонија од вчера почна да пропушта само бегалци што доаѓаат од места на воени конфликти, како што се Сирија, Авганистан и Ирак. Вакви мерки веќе презедоа и Словенија, Србија и Хрватска.

Светските медиуми јавуваат дека неколку стотини бегалци на кои им е забранет влезот во Македонија бидејќи не ги исполнуваат условите за азил ја блокирале железничката пруга на грчко-македонската граница.

Грчките железници соопштуваат дека изминатите денови, поради протестите, се откажани 10 возни линии за Македонија.

Околу 1.000 лица, од кои повеќето Иранци, Пакистанци и лица од Северна Африка подигнале шатори околу железничката пруга и ги блокираат шините.