Подглавна секција МВР синоќа затвори 13 угостителски објекти и приведе четири малолетници

МВР синоќа затвори 13 угостителски објекти и приведе четири малолетници

Тринаесет угостителски објекти синоќа се затворени во координираната акција на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

Како што соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, синоќешната акцијата била спроведена по направените анализи и оперативни сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи во поглед на работното време, точење алкохол на малолетни лица, неиздавање на фискални сметки и слично.

– Во осум угостителски објекти е евидентирано присуство на малолетни лица, а приведени се четири малолетници, двајца за користење наркотични средства, а двајца за утврдување на идентитет. Поради утврдени неправилности, затворени се 13 угостителски објекти, а на едукација се повикани пет сопственици на угостителски објекти – рече Ангеловски, додавајќи дека со акцијата биле опфатени 24 угостителски објекти на подрачјето на Скопје.

Ангеловски соопшти дека синоќа била проведена и зајакната акциска контрола на возачи. Полицијата извршила алкотестирање на 272 возачи, при што кај 102 возачи е утврдено присуство на алкохол. Исто така констатирани биле и 49 други прекршоци за што се издадени 12 мандатни и 37 прекршочни платни налози.

– Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период. Нема да биде толерирано никакво непочитување на законите – рече Ангеловски.