Македонија МВР регистрираше поткуп на гласачи, гласање за друг и кражба на гласачко...

МВР регистрираше поткуп на гласачи, гласање за друг и кражба на гласачко место

МВР преку соопштение до медиумите информираше дека до 14 часот нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на изборите. Од почетокот на гласањето до 14 часот, до МВР пристигнале 26 пријави за изборни нерегуларности, меѓу кои и за поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање гласачко ливче, како и за гласање за друг.

Од МВР соопштија дека осум пријави се веќе расчистени и се отфрлени како неосновани, а во два случаи идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави.

„Во Струга, идентификувано е лице кое вршело поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен јавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода бидејќи гласало и во име на својата сопруга и се работи на расчистување на случајот. За физичката пресметка во Бутел, против двете лица ќе бидат поднесени прекршочни пријави. Против С.А. (36) од Скопје е поднесена кривична пријава затоа што вчера понудила поткуп од 1.000 за гласање за одредена политичка партија. Во Шуто Оризари во основното училиште „26 Јули“ била извршена кражба кога непознат сторител украл паричник од женска чанта“, информираат од МВР.