Македонија МВР предупредува на зачестена појава на интернет-измами

МВР предупредува на зачестена појава на интернет-измами

Секторот за компјутерски криминал и дигителна форензика при Централните полициски служби (ЦПС) на МВР предупредува дека е забележана зачестена појава на интернет-измами со нелегално преземање и со посредување во деловната комуникација преку електронска пошта помеѓу македонски компании и нивните бизнис-партнери од странски земји, претежно од Азија, Африка и од Латинска Америка, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

„Имено, добро организирани меѓународни криминални групи со примена на т.н. спам-пораки (spam), методи „фишинг“ (phishing) и социјален инженеринг (social engineering), успеваат да ја „украдат“ лозинката за пристап до е-мејлот на еден од бизнис-партнерите при што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Овие групи креираат нови мејл-адреси кои минимално се разликуваат од оригиналните и тешко се забележуваат во комуникацијата. Оригиналната порака ја преземаат, ја модифицираат и ја праќаат на една од лажно креираните електронски адреси. Потоа праќаат порака до партнерот дека ја имаат променето банкарската сметка за уплата на средства и бараат авансните средства да бидат уплатени на нова сметка, која ја доставуваат во прилог“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму ги повикуваат компаниите да обезбедат „повеќекратен начин на авторизација и внимателност при промена на ентитетите во комуникацијата, како и навремено пријавување во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика доколку се забележи ваква појава“.

Од МВР додаваат дека за успешно разоткривање на ваквите криминални групи и за пронаоѓање на сторителите потребна е координација и соработка помеѓу надлежните институции во земјата на засегантите страни.