Македонија МВР апелира граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства

МВР апелира граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства

Во пресрет на новогодишната ноќ, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства, како и од други нарушувања на јавниот ред и мир.

„Неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија. Неовластената употреба на пиротехнички средства (петарди, палење ракети и други пиротехнички средства) со кои се нарушува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните се казнува со глоба во износ од 200 до 500 евра“, се вели во апелот на МВР.

Од таму, исто така апелираат и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.

„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку бесплатниот телефонски број 192“, се додава во соопштението на МВР.