Македонија Муцунски на НАТО работен појадок во пресрет на Самитот во Вашингтон

Муцунски на НАТО работен појадок во пресрет на Самитот во Вашингтон

Состојбите во Украина, во контекст на европската безбедност биле во посебен фокус на денешната средба

Фото: МНР

Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи се сретна со амбасадорите на земјите членки на НАТО, но и со претставниците на Европската Унија, Украина, Јапонија. Настанот се одржа во пресрет на НАТО Самитот во Вашингтон, на кој ќе се одбележи 75-годишнината од формирањето на НАТО.

„На денешниот работен појадок беше можност да се потврдат клучните приоритети на Алијансата, кои треба да одговорат на заедничките предизвици. Воедно, на него беше истакната важноста за заедничко демонстрирање единството и заедничките напори за зајакнување на капацитетите и можностите за колективната безбедност“, стои во соопштението на МНР.

Фото: МНР

Министерот Муцунски ги презентирал ставовите на земјата во однос на стратешките одлуки што треба да се донесат на Самитот. Заеднички била потврдена заложбата за обезбедување на заедничка одбрана и подготвеност на предизвиците кои доаѓаат од страна. Притоа било нагласено постигнувањето повеќе од 2% од БПД на земјава за трошоци во одбраната.

„Благодарни сме што НАТО го препознава Западниот Балкан како Регион од стратешка важност за Алијансата. Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот е од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европска и евроатлантска интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни”, посочи Муцунски.

Фото: МНР

Состојбите во Украина, во контекст на европската безбедност биле во посебен фокус на денешната средба.

„Можноста на Самитот, земјите членки на НАТО заедно со украинските власти да разговараат за нивните краткорочни и долгорочни потреби, ќе овозможи донесување на важни одлуки кои ќе го одлучат за идниот тек на состојбата и иднината на земјата“, велат од МНР.

Фото: МНР

На средбата била истакната важноста за учеството на партнерите од регионот на Индо-Пацификот, во формат АП4, заедно со високи претставници на ЕУ, и можноста за размена на мислења со нив во насока како да се зголеми соработката, вклучително и заедничките напори за одржување на мирот и стабилноста во далечни, но и во поврзани региони.