Македонија Мостот „Беласица“ над Вардар бил безбеден и покрај пожарот, вели Град Скопје

Мостот „Беласица“ над Вардар бил безбеден и покрај пожарот, вели Град Скопје

Од денеска, мостот на булеварот „Беласица“ ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ

Фото: Град Скопје, септември 2023

Канцеларијата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, соопшти денеска оти мостот на улицата „Беласица“, близу Транспортен Центар, е безбеден за сообраќај. Мостот беше опожарен од долната страна пред неколку месеци, а потоа беше затворен за сообраќај.

„Согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на бул.Беласица, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот. Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, стои во соопштението.

Од денеска, мостот на улицата „Беласица“ ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.