Македонија МОН и СОНК уште ги пеглаат разликите

МОН и СОНК уште ги пеглаат разликите

Преговорите помеѓу претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во рамки на социјалниот дијалог на највисоко ниво, се реализираат интензивно и во позитивна насока, информираa штуро и завиено од МОН.

Ова е трета средба на највисоко ниво од 3 февруари. Работните групи постојано заседаваат.

Овој дијалог беше изнуден по генералниот штрајк на просветните работници, кој траеше две недели. Штрајкот беше прекинат еден ден пред најавениот централен протест пред ресорните министерства и Владата.

„Во согласност со разговорите на досега остварените средби, очекувањата на социјалните партнери по однос на реализацијата на заемно прифатливата спогодба постигната на 3 февруари се позитивни, со оглед на постигнатиот степен на приближеност на ставовите за повеќе точки што се предмет на дискусија и на анализа. Двете страни изразуваат задоволство и уверување дека конструктивноста и понатаму ќе биде основна одлика во пристапот за водењето на ефикасен и ефективен социјален дијалог и во исполнувањето на обврските произлезени од истиот“, се вели во соопштенито од МОН.

И Јаким Неделков, претседателот на СОНК, вели дека преговорите биле контруктивни, но не е постигнат конкретен договор за ниедно прашање.

– Оптимист сум дека на крајот ќе постигнеме договор. Иамаме рок до 15 март – вели Неделков.

Тој смета дека нема да дојде до ситуација да не падне договор, но ако тоа се случи, ќе заседава Советот и таму членството ќе одлучи што понатаму.